С   Т   А   Т   У   Т

на КОМИТЕТОТ ЗА ВИЗАНТОЛОГИЈА И МЕДИЕВИСТИКА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА-Скопје (КВМРМ-Скопје)

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Со овој Статут се уредува / уредуваат:

– името и седиштето на Здружението;

– целите и задачите на Здружението и дејностите со кои се остваруваат;

– начинот на зачленување и на престанок на членувањето во Здружението, како и правата, обврските и одговорностите на членовите на Здружението;

– органите и телата на Здружението, начинот на избор и на разрешување, траењето на мандатот на членовите во органите и начинот на одлучување;

– издавачката дејност;

– начинот на информирање за работата на Здружението;

– начинот на финансирање и буџетот на Здружението;

– начинот на престанокот на работа на Здружението, како и постапувањето со сред­ства­та и со имотот во случај на престанок на работата на Здружението;

– преодните и завршните одредби;

– други прашања утврдени со закон.

ИМЕ И СЕДИШТЕ НА ЗДРУЖЕНИЕТО

Член 2

Името на Здружението гласи: КОМИТЕТ ЗА ВИЗАНТОЛОГИЈА И МЕДИЕВИСТИКА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈA-Скопје (во понатамошниот текст Комитетот или КВМРМ-Скопје).

Седиштето на Комитетот е во Скопје, на Бул. Крсте Мисирков, 2, П.С. 428
1000 Скопје, Р. Македонија

Името на Здружението на англиски јазик ќе гласи: COMMITTEE OF BYZANTINE AND MEDIEVAL STUDIES OF REPUBLIC OF MACEDONIA-Skopje

Здружението ја користи кратенката КВМРМ-Скопје, како и CBMSRM-Skopje на англиски јазик.

Член 3

КОМИТЕТOT ЗА ВИЗАНТОЛОГИЈА И МЕДИЕВИСТИКА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА е доброволно невладино здружение на граѓани кое дејствува на подрачјето на Република Македонија во согласност со позитивните законски прописи. Комитетот е правно лице со права, обврски и со одговорности утврдени со овој Статут.

Член 4

Здружението има свој печат, штембил и лого.

Печатот на Здружението е во кружна форма со пречник од четири сантиметри, со впишан текст на македонски јазик кој гласи: КОМИТЕТ ЗА ВИЗАНТОЛОГИЈА И МЕДИЕВИСТИКА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА. Во средина има стилизирана апликација на археолошкиот наод: „Монограмот на Јустинијан I“ пронајден на локалитетот Таор.

Логото се состои од истата стилизирана апликација на археолошкиот наод: „Монограмот на Јустинијан I“ пронајден на локалитетот Таор

Член 5

Во работата на Комитетот се употребува името впишано во Централниот регистар.

ЦЕЛИ И ЗАДАЧИ НА КОМИТЕТОТ И ДЕЈНОСТИ СО КОИ СЕ ОСТВАРУВААТ

Член 6

Основни цели на Комитетот се:

– афирмација и популаризација на македонската византологија, медиевистика и на сродните научни дисциплини во Р. Македонија и на меѓународно ниво;

– истражување и проучување на византиското и средновековното културно-историско наследство на просторот на Р. Македонија и пошироко на Балканот;

– следење, проучување и решавање на проблемите од областа на византологијата и медиевистиката;

–организирање национални научни конференции од областа на византологијата и медиевистиката

– помагање во научно и стручното усовршување на своите членови и во унапредувањето на наставата во соодветните научни дисциплини;

– остварување контакти и воспоставување соработка со сродни научни и стручни институции/здруженија од земјата и од странство

Член 7

Своите цели и задачи Комитетот ги остварува преку:

– одржување редовни годишни собранија, состаноци на своите органи, советувања и сл.;

– Комитетот да стане полноправен член на Меѓународната асоцијација за византологија (International Association of Byzantine Studies-AIEB)

– организирање обуки, работилници, семинари, трибини и предавања;

– организирање и учество на домашни и меѓународни конгреси, конференции, симпозиуми, тркалезни маси;

– подготовка и реализација на научно-истражувачки, стручни и апликативни проекти;

– спроведување истражувања во земјата и во странство;

– организирање гостувања во странство, како и предавања од еминентни научници од земјата и од странство;

– издавање печатени материјали, списанија, книги/монографии и преводи;

– промоција на активностите на Комитетот во медиумите;

– водење и уредување на Интернет-страница на Комитетот и

  • други активности.

Член 8

Дејности според НКД со кои ќе се остваруваат целите на Комитетот:

58.14 Издавање на списанија и периодични публикации

58.19 Други издавачки дејности

72.20 Истражувања и експериментален развој во општествените и хуманистичките науки

74.90 Останати стручни, научни и технички дејности, неспомнати на друго место

85.52 Образование во културата

90.03 Уметничко творештво

НАЧИН НА ЗАЧЛЕНУВАЊЕ И НА ПРЕСТАНОК НА ЧЛЕНУВАЊЕТО ВО КОМИТЕТОТ

Член 9

Членови на Комитетот можат да станат сите полнолетни граѓани, државјани на Република Македонија, кои ги прифаќаат принципите и целите утврдени со овој Статут.

Членови можат да бидат и странски државјани кои ги прифаќаат принципите и целите утврдени со овој Статут.

РЕГИСТАР НА ЧЛЕНОВИ

Член 10

Комитетот води регистар на членови и евиденција на членовите на органите.

Пoдатоците од ставот (1) на овој член се ажурираат најмалку еднаш на 1 (една) година.

Комитетот ја гарантира анонимноста на личните податоци на членовите кои го побарале тоа.

Податоците од ставот (1) на овој член се заштитени во согласност со прописите за заштита на личните податоци и доверливи информации.

Член 11

Членовите на Комитетот се должни да работат на остварувањето на целите на Комитетот, редовно да плаќаат годишна членарина и да го почитуваат овој Статут.

Висината на членарината и начинот на плаќање се утврдува со правилник.

Член 12

Членството во Комитетот се остварува со запишување во регистарот на членови на КВМРМ-Скопје.

ФОРМИ НА ЧЛЕНСТВО – СТАТУС

Член 13

Членовите на КВМРМ-Скопје можат да бидат:

– редовни и

– почесни.

Член 14

Редовни членови се оние членови што активно учествуваат во работата на Комитетот, активно придонесуваат за развојот и афирмацијата на Комитетот или учествуваат во органите и телата на Комитетот.

Член 15

Почесни членови се истакнати личности од јавниот, културниот и од политичкиот живот во Република Македонија кои со своето дејствување придонеле за развојот на византологијата и медиевистиката во Македонија и кои морално или материјално го помагаат развојот на Комитетот, како и странски државјани кои се примени за членови на Комитетот.

Член 16

Членството во Комитетот престанува:

– со доброволно излегување;

– заради неплаќање на членарината по истекот на 12-те месеци на кои се однесува членарината;

– со исклучување заради неизвршување на обврските предвивени со членството во Комитетот;

– во случај на постоење на правосилна кривична пресуда за дело што го прави недостоен за членство во Комитетот.

Член 17

Одлука за престанување на членството во Комитетот донесува Собранието со двотретинско мнозинство на гласови.

ЗАСТАПНИК НА ЗДРУЖЕНИЕТО

Член 18

Комитетот го застапува претседателот на Комитетот. При негова спреченост, Комитетот го застапува секретарот на Комитетот или друг член на Претседателството назначен од претседателот.

ОРГАНИ И ТЕЛА НА КОМИТЕТОТ

Член 19

Органи на Комитетот се:

– Собрание и

–Претседателство.

Тела на Комитетот се:

            – 8 секции

– Управен одбор и

– Надзорен одбор.

СОБРАНИЕ

Член 20

Собранието е највисок орган на Комитетот, кој го сочинуваат редовните членови.

Член 21

Собранието може да биде свикано како:

– редовна седница на Собранието;

– редовна седница на  Изборното собрание:

– вонредна седница на Собранието;

– вонредна седница на Изборното собрание.

Член 22

Редовна седница на Собранието на Комитетот се свикува најмалку еднаш годишно.

Редовна седница на Изборното собрание на Комитетот се свикува еднаш на секои пет (5) години.

Вонредните седници на Собранието на Комитетот се свикуваат по потреба од претседателот или по писмено барање на една третина од претставниците на редовните членови на Комитетот.

Вонредните седници на Собранието се одржуваат најдоцна во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето за одржување.

НАЧИНИ НА ОДЛУЧУВАЊЕ И НА ГЛАСАЊЕ НА СОБРАНИЕТО

Член 23

Собранието полноправно одлучува ако се присутни најмалку половината од редовните членови плус еден.

Секој редовен член на Собранието има право на еден глас.

Собранието одлучува со просто мнозинство гласови со јавно гласање, освен во случаи кога во статутот тоа е поинаку нормирано.

Член 24

Со Собранието на Комитетот раководи претседателот на Комитетот.

Собранието на Комитетот се свикува со јавна покана најмалку 7 дена пред денот на одржувањето.

Член 25

Надлежности на Собранието се:

– да донесува Статут, програма, правилници и други акти;

– да го усвојува годишниот извештај за работа и финансискиот извештај;

– да доставува финансиски извештај до надлежниот орган на државната управа;

– да одлучува за промена на целите на Комитетот;

–да одлучува за внатрешната организација и за организациските форми на функционирање на Комитетот;

– да избира и да разрешува членови на Претседателството, Управниот одбор и Надзорниот одбор и раководители на Секции;

– да одлучува за престанокот на работата на Комитетот со просто мнозинство гласови од претставниците на редовните членови на Комитетот;

– да врши други работи во согласност со Статутот и со другите акти на Комитетот.

ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО

Член 26

            Претседателството има 5 члена.

            Мандатот на членовите на Претседателството трае пет (5) години.

            Претседателството го сочинуваат претседателот, секретарот, благајникот и уште двајца членови предложени од претседателот, а избрани од Собранието.

                                                                        Член 27

            Претседателството на Комитетот ги врши следниве работи:

–ги спроведува статутарните и програмските задачи на Комитетот, како и одлуките и заклучоците на Собранието;

– го подготвува предлог-статутот;

– го подготува годишниот извештај за својата работа.

ПРЕТСЕДАТЕЛ

Член 28

Претседателот на Комитетот го избира Собранието на Комитетот со мандат од пет (5) години и со можност за реизбор. Се избира со двотретинско мнозинство од присутните редовни членови на Собранието. Претседателот на Комитетот одговара за својата работа пред Собранието на Комитетот.

Член 29

Претседателот ги извршува следниве задачи:

– го претставува и го застапува Комитетот;

– ги свикува и претседава со седниците на Собранието, Претседателството и Управниот одбор;

– ги спроведува одлуките на Собранието и Претседателството;

– доделува награди и признанија во име на Комитетот;

– потписник е на сметката на Комитетот;

– ја организира работата на Комитетот;

– врши и други работи.

СЕКРЕТАР

Член 30

Секретарот на Комитетот го избира Собранието на Комитетот со мандат од пет (5) години и со можност за реизбор. Тој се избира со двотретинско мнозинство од присутните редовни членови на Собранието. Секретарот на Комитетот одговара за својата работа пред Собранието на Комитетот.

 Член 31

Секретарот ги извршува следниве задачи:

– се грижи за архивата на Комитетот;

– го води регистарот на членови;

– им помага во работата на претседателот и на благајникот на КВМРМ-Скопје.

БЛАГАЈНИК

Член 32

Благајникот на Комитетот го избира Собранието на Комитетот со мандат од пет (5) години и со можност за реизбор. Тој се избира со мнозинство од присутните редовни членови на Собранието. Благајникот на Комитетот одговара за својата работа пред Собранието на Комитетот.

Член 33

Благајникот ги извршува следниве задачи:

– да располага со средствата на Комитетот во согласност со можностите и потребите на Комитетот.

– да го води регистарот за членарината.

8 СЕКЦИИ

Член 34

Работата на Комитетот се остварува преку функционирањето на следниве осум (8) секции: Секција за историја, Секција за историја на уметност, Секција за археологија, Секција за филозофија, Секција за јазик и книжевност, Секција за теологија/богословие, Секција за нумизматика, Секција за музикологија. Секој редовен член на Комитетот истовремено е член на една од наведените секции. Секоја секција има раководител, кој го избира Собранието на Комитетот со мандат од пет (5) години и со можност за реизбор. Функционирањето на секоја секција е регулирана со посебен правилник, кој што треба да биде во согласност со одредбите на Статутот и другите акти на Комитетот.

УПРАВЕН ОДБОР

Член 34

Управниот одбор се состои од единаесет (11) члена: претседателот, секретарот, благајникот и раководителите на 8-те секции. Управниот одбор го избира Собранието на Комитетот со двотретинско мнозинство од присутните редовни членови со мандат од пет (5) години и со можност за реизбор. Управниот одбор има советодавна функција и него го свикува и со него претседава претседателот.  

НАДЗОРЕН ОДБОР

Член 35

Надзорениот одбор го сочинуваат три (3) члена.

Надзорениот одбор на Комитетот го избира Собранието на Комитетот од редовните членови, и тоа со мандат од пет (5) години и со можност за реизбор. Надзорниот одбор се избира со двотретинско мнозинство од присутните редовни членови на Собранието

Надзорниот одбор врши надзор врз материјално-финансиското работење на Комитетот.

Надзорниот одбор одговара за своето работење пред Собранието на Комитетот.

Член на Претседателството и на Управниот одбор не може да биде и член на Надзорниот одбор.

ИЗДАВАЧКА ДЕЈНОСТ

            Издавачката дејност се уредува со посебен правилник.

ИНФОРМИРАЊЕ ЗА РАБОТАТА НА ЗДРУЖЕНИЕТО

Член 40

Работата на Комитетот е јавна. Јавноста во работењето се обезбедува со редовно известување на членовите на Комитетот за сите форми на работење, со увид во спроведувањето на програмските задачи, со поднесување извештаи за работата на органите и на телата на Комитетот и за материјално-финансиското работење.

Транспарентноста во работењето се обезбедува и се остварува со јавно информирање, како и со доставување материјали на средбите и на состаноците преку постојните органи и тела на Комитетот, со комуникација преку електронска пошта и сл.

ФИНАНСИРАЊЕ И БУЏЕТ НА ЗДРУЖЕНИЕТО

Член 41

Здружението ги обезбедува средствата за работа преку:

– членарина;

– донации и спонзорства;

– доброволни прилози и подароци;

– средства остварени преку активности на Комитетот;

– средства од Буџетот на Република Македонија и на единиците на локалната само­уп­рава и на градот Скопје.

Средствата се користат рационално и во согласност со позитивните законски прописи и одредбите од овој Статут.

Член 42

За своето работење, Комитетот донесува годишен буџет и завршна сметка.

Претседателот на Комитетот е должен да подготви годишен финансиски извештај, да го достави до надлежниот орган во согласност со законските прописи и да го презентира пред членовите на Годишното собрание.

Комитетот е должен да го презентира годишниот финансиски извештај на соодветен начин пред јавноста.

ПРЕСТАНОК НА РАБОТАТА НА ЗДРУЖЕНИЕТО

Член 43

Комитетот престанува да постои:

– ако со двотретинско мнозинство се донесе одлука на Собранието на Комитетот;

– кога бројот на членовите ќе се намали под бројот потребен за основање;

– кога ќе се создадат условите предвидени со членовите 54 и 56 од Законот за здру­женија на граѓани и фондации.

Член 44

По законскиот престанок на работата на Комитетот, имотот и другите права и приходи што остануваат по подмирувањето на обврските, преминуваат во сопственост на хуманитарни организации, а целокупната архива се пренесува на Државниот архив на Македонија.

ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 45

Овој Статут влегува во сила на денот на неговото донесување.

 

Во Скопје, 23.09.2016 г.

Претседател на КВМРМ-Скопје,

проф. д-р Тони Филипоски