Прва национална конференција за византологија и медиевистика
САМУИЛОВАТА ДРЖАВА – 1.000 ГОДИНИ ПОТОА (1018-2018)
Програма
Галерија
Свечено обраќање на проф. д-р Тони Филипоски, претседател на квмрм – Скопје
Почитувани присутни,
Ваша екселенцијо, претседател на Р. Македонија д-р Ѓорге Иванов
Декан на Филозофскиот факултет, д-р Ратко Дуев
Претседателке на Советот на Општина Охрид, г-ѓо Живка Ангелоска
Митрополит Дебарско-кичевски, г. Тимотеј
Останати видни гости и учесници на Првата национална конференција,
Оваа година се навршуваат 1000 години од крајот, падот или пак потчинувањето на Самуиловата држава под византиска власт. Се работи за одбележување на исклучително значаен јубилеј од нашата средновековна историја. Самуиловата држава несомнено била нова државна творба која ја формирале синовите на комесот Никола, комитопулите: Давид, Мојсеј, Арон и Самуил, во втората половина на X век на просторот на Македонија. Впрочем големиот белградски византолог Г. Острогорски не случајно потенцирал: „И според составот и според карактерот тоа било ново царство“. Но сепак поради разни причини споменатата држава, која станала царство, како во минатото така и денеска предизвикува голем број научни контроверзи поврзани со нејзиното настанување, политичко уредување, етничка атрибуција, државно-правни основи, нејзината црква, материјална и нематеријална култура и др. Искрено се надевам дека со организирањето на овој научен настан (Првата национална конференција за византологија и медиевистика) во текот на овие два дена сите ние ќе се обидеме да дадеме дополнителен научен придонес, од една страна со нови сознанија, а од друга страна со разјаснување на спорни прашања кои директно или индиректно се однесуваат на Самуиловата држава. Консеквентно на профилацијата на членовите на Комитетот и другите учесници на Конференцијата се очекува зададената научна проблематика да биде третирана интердисциплинарно од вкупно 42 византолози и медиевисти.
Ја користам оваа прилика да ви соопштам неколку збора за нашиот Комитет. Во периодот по 1990 г. се бележат повеќе неуспешни обиди за формирање на византолошки комитет во Р. Македонија, за најпосле во 2016 г. последниот обид да заврши со успех. Од страна на иницијативниот одбор во состав: академик Ц. Грозданов, проф. д-р М. Бошкоски, проф. д-р Т. Филипоски, проф. д-р Б. Петровски, проф. д-р Сашо Цветковски и доц. д-р Драган Ѓалевски беше свикано и се одржа основачко собрание во февруари 2016 г. во просториите на Македонската академија на науките и уметностите во присуство на над 30 делегати. Беа усвоени значајни одлуки: избор на органи и тела (почесен претседател-акад. Ц. Грозданов, претседател-д-р Т. Филипоски, секретар-д-р С. Цветковски, благајник-д-р Д. Ѓалевски, Претседателство (членови-д-р Б. Петровски и д-р С. Стојков), Управен одбор, Надзорен одбор (д-р М. Бошкоски, д-р И. Велев и д-р Д. Зајковски), 8 секции и нивни раководители (д-р А. Атанасовски, раководител на Секција за историја, акад. Витомир Митевски, раководител на Секција за јазик и книжевност, д-р Елица Манева, раководител на Секција за археологија, д-р Ратомир Грозданоски, раководител на Секција затеологија, м-р Дарко Николовски, раководител на Секција за историја на уметност, д-р Јане Коџабашија, раководител на Секција за музикологија и м-р Катерина Христовска, раководител на Секција за нумизматика); беше утврдено името: КОМИТЕТ ЗА ВИЗАНТОЛОГИЈА И МЕДИЕВИСТИКА НА Р. МАКЕДОНИЈА; одлука за аплицирање за членство во Меѓународната асоцијација за византологија (AIEB); беше определена апликација за печат и лого на Комитетот-монограмот на Јустинијан I пронајден во Таор и др. Подоцна беа донесени Статут и други документи потребни за функционирање на Комитетот. Според статутот основни цели на Комитетот се:
–афирмација и популаризација на македонската византологија, медиевистика и на сродните научни дисциплини во Р. Македонија и на меѓународно ниво;
–истражување и проучување на византиското и средновековното културно-историско наследство на просторот на Р. Македонија и пошироко на Балканот;
– следење, проучување и решавање на проблемите од областа на византологијата и медиевистиката;
–организирање национални научни конференции од областа на византологијата и медиевистиката
–помагање во научно и стручното усовршување на своите членови и во унапредувањето на наставата во соодветните научни дисциплини;
–остварување контакти и воспоставување соработка со сродни научни и стручни институции/здруженија од земјата и од странство
–организирање обуки, работилници, семинари, трибини и предавања;
–организирање и учество на домашни и меѓународни конгреси, конференции, симпозиуми, тркалезни маси;
–подготовка и реализација на научно-истражувачки, стручни и апликативни проекти;
Во текот на јуни 2016 г. од страна на нашиот Комитет беше поднесена апликација за членство во престижната Светска асоцијација за византологија (AIEB). Во рамките на 23-тиот светски византолошки конгрес (Белград, август 2016) нашиот Комитет едногласно беше примен во AIEB под компромисното име: Committee of Byzantine Studies of (Former Yugoslav) Republic of Macedonia. Со етаблирањето на нашиот Комитет во оваа реномирана меѓународна организација се отвораат можности за широка промоција и валоризација на македонската научна мисла и особено богатото културно наследство од византискиот период надвор од границите на нашата држава. Токму крупен чекор на меѓународен план ќе претставува првото организирано учество на нашиот Комитет и на македонските византолози на престижниот 24-ти Меѓународен византолошки конгрес што треба да се одржи 2021 г. во Истанбул, Турција. Впрочем нашето културно наследство од византискиот период и досега беше презентирано пред пошироката научна јавност во рамките на 12-ти Светскиот византолошки конгрес кој се одржа во 1961 г. токму во Охрид во рамки на поранешната југословенска федерација.
Во рамки на нашето делување во ноември 2017 г. на седница на Управен одбор беше донесена одлука Комитетот во текот на 2018 г. да организира Прва национална конференција за византологија и медиевистика на тема: САМУИЛОВАТА ДРЖАВА-1.000 ГОДИНИ ПОТОА (1018-2018), по повод јубилејот 1000 години од крајот на Самуиловата држава. Оваа наша одлука, како што сме сите сведоци, со големи напори, но и задоволство успеавме да ја реализираме благодарение на финансиската поддршка на Министерството за култура на Р. Македонија. За пруженото покровителство и денешно присуство од името на Комитетот сакам да му упатам особена благодарност до неговата екселенција д-р Ѓорѓе Иванов, претстедател на Р. Македонија. Како коорганизатори свој голем придонес дадоа пред сѐ Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје; а потоа и нејзината членка Филозофскиот факултет како и Македонската академија на науките и уметностите, за што во оваа прилика на нивните први луѓе (ректорот, деканот на ФзФ и претседателот на МАНУ) им упатувам искрена благодарност. Исто така во оваа пригода сакам да го поздравам почесниот гостин: д-р Срѓан Пириватриќ, претседател на српскиот византолошки комитет. За да се збогати овој настан како почесни гости беа поканети уште и членовите на раководството на AIEB (Џон Халдон и Атанасиос Маркопулос) и академик Васил Ѓузелев, преседател на бугарската византолошка асоцијација и проф. Лида Мирај, претседателка на албанската византолошка асоцијација, но беа спречени да присуствуваат. Особена благодарност упатувам до академик Јоханес Кодер од Виена, поранешен претседател на AIEB, поради покажаната пресретливост и залагање нашиот Комитет да стане членка на Меѓународната византолошка асоцијација. Благодарност упатувам и до членовите на раководството и на сите останати членови на Комитетот за поддршката. На крајот ги поздравувам нашите драги гости и воедно учесници д-р Михаило Поповиќ од Виена и д-р Коста Jакумис од Тирана, како и нашиот своевиден домаќин од фелата охриѓанецот Гоце Ангеличин Жура. Пријавените учесници на Конференцијата се вбројуваат во редот на најеминентните македонски византолози и медиевисти што претставува гаранција за плоден научен придонес. На сите ви посакувам добредојде и успешна работа.